
ФФМ ги назначи Шаќири и Милошевски за координатори на младинските селекции!
Техничкиот директор на младинските селекции, Ѓорѓи Христов, на денешниот брифинг со медиумите објави дека Артим Шаќири и Саше Милошевски се назначени за нови координатори на младинските селекции од 14 до 19 години.
Како дел од новиот стручeн кадар се приклучуваат и поранешните репрезентативци Никола Глигоров и Филип Ивановски, кои ќе имаат улога на аналитичари за сите младински категории.
„Новитет е што во сите стручни штабови ќе има четири или пет тренери од различни делови од државата. Мора да има тренерски кадар од сите региони за да имаме целосен увид во секое дете со потенцијал“, изјави Христов.
Новото раководство на ФФМ со ова само ја продолжи стратегијата за вклучување на стручни лица со фудбалско искуство и регионална застапеност, со цел унапредување на работата со младинските категории и поефикасно селектирање на таленти од целата земја.