Работнички ќе игра на скопска Арена, а Вардар ќе биде домаќин на стадионот на ФФМ!

Сите натпревари од претстојното 27. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) ќе се одиграат в недела (16 часот), меѓу кои има три што се закажани во Скопје.

Најголемо внимание привлече судирот на интереси меѓу Работнички и Вардар, кои во исто коло и ист термин беа предвидени како домаќини. Бидејќи и двете екипи ги играат своите натпревари на арената „Тодор Проески“, беше неопходно да се направи избор. Предност добија дебармаалци, кои ќе го пречекаат шампионот Струга на националниот стадион, додека црвено-црните ќе се преселат на теренот „Петар Милошевски“ при Фудбалската федерација на Македонија, каде ќе се соочат со Тиквеш.

Во Скопје ќе се одигра и пресметката меѓу Гостивар и Шкупи, закажана во населбата Маџари. Надвор од главниот град, Пелистер е домаќин на Брера, Шкендија ќе ја пречека Воска Спорт, а Силекс во Кратово ќе ја угости Беса.