
Тенисерките загубија од Норвешка и останаа без шанси за промоција во БЏК купот!
По изедначениот резултат по двата дуели во поединечна конкуренција, победникот се решаваше во мечот во двојки. Македонскиот тандем Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска добро го отвори натпреварот со водство од 4-1 во гемови, но Норвежанките Улрике Еикери и Малене Хелго направија пресврт, добивајќи го првиот сет со 6-4. Во вториот сет, македонската двојка се врати во игра и го доби сетот со убедливи 6-1. Сепак, во супер-тајбрејкот, Норвежанките поведоа со 4-1 и успеаја да ја задржат предноста, славејќи со 10-5 и носејќи ѝ ја победата на својата репрезентација. Норвешка прва дојде до предност откако Еикери ја совлада Стоилковска со 2-0 во сетови (6-3, 6-2), по што Ѓорческа донесе изедначување за Македонија со убедлива победа над Хелго (6-0, 6-2).
Ова воедно значи крај на надежите за освојување на првото место во групата, кое единствено носи шанса за продолжување на борбата за промоција во повисонк ранг во БЏК-купот. Македонија утре го игра својот трет натпревар од групната фаза против селекцијата на Косово, по што во зависност од резултатот ќе се бори за пласман од 4-6 односно од 7-9 место на ова натпреварување.
ФОТО: МТФ