Антирекорд на Лестер - осум порази по ред на домашен терен без постигнат гол

Одамна е познато дека Лестер повторно ќе игра во Чемпионшип, но синоќа „лисиците“ на домашен терен им приредија уште еден кошмар на своите навивачи.

Загубија од Њукасл со 0-3 за што добија жестоки свирежи од трибините. На седум кола пред крајот на сезоната, Лестер има 15 бода помалку од 17-пласираниот Вулверхемптон и само чудо може да спаси, чудо во кое никој во клубот не верува.

Меѓу другото и поради лошата серија натпревари на домашен терен каде Лестер не само што претрпе осум порази по ред, туку постави антирекорд во Премиер лигата затоа што на тие осум меча не успеа да постигне гол. По ред на Кинг Пауер славеа Вулверхемптон, Манчестер Сити, Кристал Палас, Фулам, Арсенал, Брентфорд, Манчестер Јунајтед и синоќа Њукасл.

Во 2025 година, Лестер се уште не постигнал гол на домашен терен, а последниот датира од 8 декември кога со Брајтон одигра 2-2.