Роналдо ќе „изгори“ уште еден тренер: Пиоли пред отказ од Ал Наср

Италијанскиот стручњак Стефано Пиоли се наоѓа пред отказ од Ал Наср поради несогласувања со првата ѕвезда во екипата Кристијано Роналдо.

Проблемите почнале во вториот дел од сезоната, а поради нив, Пиоли сега нема никаква контрола на соблекувалната. На последните два натпревара од првенството, Пиоли го извади Роналдо од игра во второто полувреме, прво во 70., а потоа во 61. минута што предизвика гнев кај португалскиот репрезентативец, како и кулминација на тензијата меѓу нив двајца.

Можно е разделбата меѓу Пиоли и Ал Наср да се случи веднаш, но и на крајот од сезоната, имајќи предвид дека тренерска смена во овој момент нема да му донесе ништо на Ал Наср бидејќи екипата нема шанси за шампионската титула. Поради конфликт со Роналдо, Ал Наср претходно ги избрка Руди Гарсија и Луис Кастро.

Претставниците на Пиоли веќе почнале преговори со италијански клубови за евентуален ангажман на нивниот клиент, а најверојатна дестинација за него во моментов е Рома бидејќи Клаудио Раниери ќе си замине на крајот од сезоната.