Копа дел Реј исто како во 2014 - сценарио што најмногу му одговара на Реал

По вчерашните триумфи на Сосиедад и Барселона, комплетиран е квартетот кој ќе учествува во полуфиналето од шпанскиот Куп.

Претходно пласман во претпоследната рунда од ова натпреварување изборија Атлетико и Реал, а интересно е тоа што најмногу мака за пласман во полуфиналето виде „кралскиот клуб“ кој едвај го победи Леганес. Овој состав на полуфиналисти е идентичен како во 2014 година кога истите екипи се бореа за место во финалето.

Во полуфиналната фаза, тогаш Барселона го победи Сосиедад со вкупен резултат 3-1 (2-0 дома и 1-1 во Сан Себастијан), а Реал беше подобар од Атлетико со 3-2 (3-0 дома, 0-2 на „Висенте Калдерон“).

Трофејот таа година го освои Реал Мадрид кој во она фамозно финале што го одбележа акцијата и голот на Герет Бејл, ја совлада Барселона со 2-1 и тоа беше прв пехар на Карло Анчелоти како тренер на овој тим. Тоа беше и последно финале од Копа дел Реј во кое се сретнаа Реал и Барселона, а мадридскиот тим оттогаш само еднаш триумфираше во ова натпреварување.

Ждрепката за полуфиналето ќе се одржи на 20 февруари, а натпреварите се играат на 26 февруари и 2 април.