Лазаров: Унгарија нема слаба точка, мора да одиграме најдобро што знаеме!

Македонската ракометна репрезентација утре ќе го почне Светското првенство (СП), а прв ривал на избраниците на селекторот Кире Лазаров е селекцијата на Унгарија.

Натпреварот меѓу Унгарија и Македонија е закажан од 20.30 часот во Вараждин, а селекторот Лазаров кажа дека ќе се обидат да го покажат најдоброто на теренот.

„Унгарија е ракометна земја, има две екипи во Лигата на шампиони за кои играат поголем дел од репрезентативците. Со доаѓањето на Чема Родригез на селекторското столче тие добија многу квалитет и напредуваат сè повеќе од година во година. Не би можел да кажам дека имаат слаба точка затоа што зборуваме за комплетна репрезентација. Можеме да се надеваме дека тие нема да имаат свој ден, а ние ќе одиграме најдобро што знаеме“, кажа Лазаров.

Лазаров е задоволен од неговите ракометари и нивната игра за време на подготовките пред СП 2025.

„Имавме квалитетни подготовки, секоја од трите фази ни послужија за тоа што го замисливме. Растевме како репрезентација и подготвени го дочекуваме Мундијалот. Без разлика на конечните резултати, секој меч ни послужи да одработиме одреден дел од нашата тактика“, вели селекторот.

Македонија го игра првиот меч против Унгарија на 15 јануари од 20.30 часот во Вараждин.