Ла Лига не се откажува од војната со Барса: Тебас подготвува жалба на одлуката за Олмо и Виктор

Два дена откако Врховниот совет за спорт на Шпанија ѝ наложи на Ла Лига да ги регистрира Дани Олмо и Пау Виктор, раководството на шпанската лига, предводена лично од претседателот Хавиер Тебас почна подготовки за жалба на оваа одлука.

Медиумите во Каталонија тврдат дека најверојатно ќе биде испратена уште денеска, но најверојатно нема да биде решена набрзо и Барселона ќе ги има двајцата фудбалери за финалето од Суперкупот против Реал в недела.

„Ла Лига ќе се жали на одлуката за регистрација на Дани Олмо и Пау Виктор. Ла Лига ќе се обиде да ја оспори регистрацијата на Олмо со тоа што одлуката на Врховниот спортски совет ќе ја однесе пред суд“, пишува Мундо Депортиво.

Во моментов цела Шпанија е свртена против Барселона, почнувајќи од клубовите во Ла Лига до највисоките спортски инстанци, како и љубителите на фудбалот. Сето тоа се случува иако раководството на Барса поднесе докази дека ги исполнила условите од финансискиот ферплеј.