Пелистер со 45 гола се загреа за дербито против Вардар

Ракометниот шампион на Македонија, Пелистер го совлада Бисинов со 45-31 во првиот натпревар од 14. коло на Суперлигата.

Јасно беше кој е фаворит на овој меч, но велешкиот тим одигра одлично прво полувреме во кое во повеќе наврати беше и во водство и му даде силен отпор на бранителот на титулата. На голем одмор се замина со само +2 за Пелистер (21-19), но во вториот дел до израз дојде квалитетот кој е на страната на битолскиот тим.

Клучна беше серијата од 9-0 кон средината на второто полувреме со која Пелистер поведе со 33-22. На крајот малку недостасуваше шампионот да го надмине тимскиот рекорд за оваа сезона по бројот на постигнати голови кој изнесува 46.

Натпреварот за Пелистер беше загревање за дербито против Вардар кое се игра во Битола идниот викенд. Во меѓувреме „зелено-белите“ немаат меч од Лигата на шампионите и можат во мир да се подготват за еден од најважните дуели во сезоната.