Нова епизода од драмата во Фиренца: Ѝ се слошило и на мајката на фудбалерот на Фиорентина

Фудбалскиот клуб Фиорентина објави позитивни вести во врска со својот фудбалер Едоардо Бове кој колабираше на вчерашниот меч со Интер, но најтиражниот италијански спортски весник Газета дело спорт откри нови детали во врска со хоророт што се случуваше на „Артемио Франки“.

Дербито од 14. коло беше прекинато во 17. минута затоа што на Бове му се слоши и се онесвести на теренот. Веднаш му беше укажана лекарска помош, но драматичната ситуација влијаела и на неговата мајка Тања која од ложата го следела натпреварот.

„Навивачите на Фиорентина без зборови, соиграчите со автомобили доаѓаа во болницата со спуштени глави и без желба да зборуваат. Мама Тања не издржа кога го виде синот како се онесвестува и ѝ се слошило и во придружба на градоначалничката Сара Фунаро е изнесена од стадионот“, пишува Газета.

За среќа, двајцата во моментов се добро, Едоардо е “под фармаколошки седативи и хоспитализиран на интензивна нега“, а Тања се чувствува подобро и е под лекарски надзор.