Серхио Рамос наместо во Реал Мадрид би можел да заврши во – Англија!

Шпанската фудбалска легенда, Серхио Рамос, би можел изненадувачки да се пресели во редовите на Њукасл, откако како слободен играч ги разгледува опциите по истекот на договорот со Севилја.

Според британските медиуми, составот од „Сент Џејмс Парк“ покажал силен интерес за 38-годишниот дефанзивец и подготвува договор до крајот на сезоната - вреден 10 милиони евра. „Чавките“ се соочуваат со проблеми во дефанзивната линија поради серија повреди на клучни играчи, што дополнително се одрази во синоќешниот пораз против Вест Хем (0-2) на домашен терен.

Рамос минатата сезона одигра 37 натпревари за Севилја, но го напушти клубот ова лето. Изминатиов период беше поврзуван со враќање во Реал Мадрид, но тоа набрзо беше демантирано од таборот на „кралскиот клуб“.