Алонсо: Ги победивме во Данска, ама тоа не значи дека лесно ќе ги решиме во Битола!

Шпанецот Раул Алонсо, новиот тренер на Пелистер, утре ќе го води македонскиот првак во својот прв европски натпревар во Лигата на шампионите и тоа против данската Фредериција.

Тој пред натпреварот изрази претпазливост и истакна дека времето за подготовка било ограничено.

„Секој натпревар во Лигата на шампионите е посебен, тимовите во ова натпреварување брзо се адаптираат. Фредериција е екипа која значително напредна во последните две сезони и добро се докажа во данското првенство. Нивниот тренер, Гудмундур Гудмунсон, е искусен и еден од најдобрите во светот. Иако ги победивме на нивен терен, овој натпревар носи нови предизвици што значи дека нема лесно да излеземе на крај во Битола. Тие имаат квалитетни играчи и агресивна одбрана“, изјави Алонсо.

Алонсо за подготовката пред натпреварот додаде.

„Имавме само три тренинга заедно, но ќе се потпреме на јасен план. Ќе се фокусираме на силна одбрана, интервенции од голманите, и добро организирана транзиција. Ова е натпревар од Лигата на шампионите, каде што малите детали се одлучувачки“, дополни шпанскиот стратег.

Натпреварот меѓу Пелистер и Фредериција е закажан за среда во 20.45 часот, во спортската сала „Боро Чурлевски“.