Лилард се изнапромаши, но погоди кога требаше за победа на Милвоки (ВИДЕО)
На домашен терен, тимот од Висконсин беше подобар од Хјустон со 101-100 и тоа благодарение на Дејмијан Лилард кој го постигна победничкиот кош на нешто помалку од четири секунди пред крајот. Претходно, плејмејкерот на Бакс имаше ужасна шутерска вечер, а натпреварот го заврши со само шест погодени удари од 18 обиди. Впечатокот во нападот го поправи со победничкиот кош, но и со десетте асистенции.
Натпреварот го одбележаа големмите резултатски амплитуди. Хјустон отвори со 9-0 и во првата четвртина водеше и со 13 разлика, во вториот период Милвоки го презеде водството и во третиот имаше +14, за во последните 12 минути повторно гостинскиот тим да направи серија со која поведе со 95-88. На околу две минути пред крајот Хјустон водеше со 100-95, но Милвоки го заврши мечот со серија од 6-0, вклучувајќи го победничкиот кош на Лилард.
Брук Лопез беше најдобар играч на Милвоки со 27 поени и 10 скока, Јанис Адетокумбо постигна 20 поени и 13 скока, додека Ван Влер го предводеше Хјустон со 26 поени.
РЕЗУЛТАТИ
Детроит - Чикаго 112-122
Мајами - Филаделфија 106-89
Њујорк - Вашингтон 134-106
Торонто - Индијана 130-119
Милвоки - Хјустон 101-100
Феникс - Орландо 99-109
Сакраменто - Атланта 108-109
ЛА Клиперс - Голден Стејт 102-99