Сѐ е познато во А-Лигата на нации, се чека само ждрепката

Иако има уште два натпревара од групата 3 кои се играат утре, повеќе ништо значајно не може да се смени во А-Лигата на нации.

По денешните дуели, познати се сите репрезентации кои ќе учествуваат во плејофот, сите кои ќе играат бараж за опстанок и сите кои се селат во понизок ранг. Хрватска и Данска се последни кои обезбедија пласман во четвртфиналето од Лигата на нации, а Полска е последната за која стана јасно дека од идното издание ќе игра во Б-Лигата, покрај Израел, БиХ и Швајцарија.

Во плејофот се пласираа Португалија, Франција, Германија и Шпанија како носители и Хрватска, Италија, Холандија и Данска како неносители. Ждрепката што ќе се одржи на 22 ноември во 12 часит во Нион ќе ги даде двојките за четвртфиналето од натпреварувањето на УЕФА. Со оглед на тоа што Италија е во редот на неносители, претстои барем еден спектакл бидејќи „аѕурите“ ќе се сретнат со еден од фаворитите.

Четвртфиналните натпревари се на програмата на 20 и 23 март 2025 година, а завршниот турнир ќе се игра од 4 до 8 јуни во земја која УЕФА дополнително ќе ја одреди, во зависност од тоа кој ќе обезбеди пласман.

Бараж за опстанок ќе играат Шкотска, Србија, Унгарија и Белгија и тие нема да имаат воопшто лесна задача бидејќи потенцијални ривали ќе им бидат Грција, Австрија, најверојатно Велс и победникот од групата 1 во Б-Лигата на нации каде ситуацијата е крајно замрсена, а учесници се Чешка, Грузија, Албанија и Украина.