Репрезентацијата ни е хит во регионот: Супериорните Македонци без пораз до место во Б-Лигата на нации (ФОТО)

Колку и да звучи чудно, а поради учеството во Ц-Лигата на нации и не многу важно, македонската фудбалска репрезентација го обели образот на сите селекции од поранешна Југославија кога станува збор за настапите во Лигата на нации.

Нашиот национален тим единствен се радуваше на победи во ноемвриските дуели од натпреварувањето на УЕФА и засега е единствен што обезбеди пласман во повисок ранг. Хрватска загуби од Шкотска, Словенија од Норвешка, БиХ од Германија, Косово (најверојатно) од Романија, Црна Гора од Исланд, а Србија ремизираше со Швајцарија. Сите тие имаат уште една шанса да слават месецов бидејќи нивните дуели, со исклучок на Словенија, ќе се играат утре и задутре, но никој не може да оствари две победи. БиХ и Црна Гора веќе испаднаа од А, односно Б-лигата на нации.

Поради тоа, македонската репрезентација денеска е хит во регионалните медиуми кои ги величаат нашиот успех.

„Супериорните Македонци без пораз во Б-Лигата на нации“, „Македонија се прошета низ Ц-Лигата на нации“, „Македонија доминантно избори пласман во повисок ранг“... се некои од насловите на порталите од просторите на поранешна СФРЈ.

Македонија го заврши овој циклус со биланс од пет победи и едно реми и вкупно 16 освоени бода и првпат во својата историја ќе игра во Б-Лигата на нации.