Македонија ја оствари целта, но важни се и трите бода против Фарски Острови
Момците на Благоја Милевски ја остварија целта, на коло пред крајот го заверија првото место и се пласираа во Б Лигата од Лигата на нации, но денешните бодови не се неважни. Македонија е во игра и за место во баражот за пласман на СП, па секој бод е важен.
Македонија и Фарски Острови не се среќавале често низ историјата, имаме само два меѓусебни дуели. Лани во пријателски натпревар ги победивме со 1-0, а во септември, во дуел од првото коло во Лигата на нации одигравме нерешено 1-1.
Фарски Острови во Скопје доаѓаат по победа над Ерменија во Ереван, па самодовербата кај нив ќе биде на завидно ниво, но Македонија врза четири натпревари со победи без примен гол, ние сме јасен фаворит во денешниот дуел.
„Фарски Острови покажаа дека во денешниот фудбал нема аутсајдери и се квалитетен тим. Во овие Лига на нации играат добро, се работи за дисциплинирана екипа, одговорна и доста силна, тркачки одлично подготвена. Не очекува уште потежок меч од тој со Летонија во четвртокот. Фокусот ни е на нас самите, како ќе изгледаме на теренот и да го завршиме ова издание на најдобар можен начин. Прашањето за првото место е решено, ама ние си имаме свои мотиви, индивидуални и како тим. Си поставивме уште една цел, со што е можно повеќе бодови да бидеме поконкурентни во завршната ранг-листа“, вели селекторот Милевски.
Тој ќе може да смета на сите репрезентативци освен на Елиф Елмас кој се повреди на мечот против Летонија и нема да биде во комбинација за денешниот дуел.
Главен судија на натпреварот ќе биде Германецот, Даниел Шлагер. Тој важи за еден од подобрите германски судии. Помошници на Шлагер ќе му бидат Рафаел Фолтин и Свен Вашхитски, додека за четврти судија е избран Тимо Герах. Во ВАР собата главен ќе биде Даниел Зибер, а негов асистент ќе биде Рием Хусеин.