Дебакл за Рома: Фиорентина ја понижи „волчицата“! (ВИДЕО)

Фудбалерите на Фиорентина вечерва ја понижија Рома победувајќи ја со 5-1 во рамките од деветтото коло во Серија А.

Рома предводена од Иван Јуриќ вечерва изгледаше лошо на теренот и домаќините можеа да постигнат и некој гол повеќе. Резултатот беше отворен по девет минути игра кога Моисе Кин прв ја погоди мрежата на „волчицата“.

Веќе во 17. минута Белтран зголеми на 2:0. Гол на надеж за Рома постигна Коне во 39. минута, но само две минути подоцн Кин со својот втор гол обезбеди водство од 3:1 на паузата за „виолетовите“.

Во вториот дел Фиорентина продолжи да биде подобар противник на теренот и Бове зголеми на 4:1. Конечните 5-1 беа поставени со автоголот на Матс Хумелс за кого ова беше деби настап по повеќе од два месеци откако пристигна. Германецот сопствената мрежа ја погоди само четири минути по влегувањето на местото на Паоло Дибала.

Претходно исклучување поради втор жолт картон заработи Марио Хермосо. Нема да биде изненадување ако по овој пораз Иван Јуриќ добие отказ на клупата на римскиот клуб.