Македонија загуби и од Швајцарија на „Трофеј Карпати“

Македонската женска ракометна репрезентација го запиша третиот пораз на „Трофеј Карпати“, откако денеска беше поразена од Швајцарија со 22-27.

Швајцарија имаше добар почеток на мечот и водство од 10-5, по што Македонија на стартот на вториот дел израмни на 15-15, но веднаш потоа почнаа проблемите во нападот.

Ракометарите не искористија неколку шанси, по што пристигна казната и Швајцарија набрзо поведе со 20-16, а предноста ја чуваше до самиот крај.

Дамјановска и Ристовска постигнаа по пет голови за Македонија, додека Мицевска запиша осум одбрани.

Македонските ракометарки претходно беа поразени од Романија и Словачка на „Трофеј Карпати“.