Барса убедливо најефикасна во топ-5 лигите, Левандовски има повеќе голови од Винисиус и Мбапе заедно

Меѓу седум и десет кола се одиграни досега во топ-5 лигите во Европа, а Барселона се издвојува како најефикасна екипа од сите 98 кои се натпреваруваат во овие конкуренции.

Синоќа, „каталонците“ ја испратија Севиља со 5-1 и на најдобар начин ја најавија пеколната недела во која им следуваат дуели против германската машина Баерн, како и Реал во првото Ел Класико оваа сезона. По исклучително неефикасните сезони под водство на Чави во кои Барселона играше на примен гол помалку, во оваа натпреварувачка кампања буквално гази и засега во првенството нема натпревар на кој не постигнала барем еден гол. Два реализира дури и на единствениот меч кој го загуби, од Осасуна бидејќи тогаш беше 2-4.

Ла Лига е најнапред од сите во конкуренција на топ-5 првенствата, па таму досега се одиграни 10 кола. Барселона има 33 постигнати гола, на второто место е ПСЖ со 25, а трет е Баерн со 24. Манчестер Сити е далеку назад, со 19 гола, а интересно е тоа што во Италија најефикасна е шестопласираната Аталанта со 18 гола.

Прв стрелец во топ-5 лигите засега е Роберт Левандовски со 12 гола што е повеќе од третина од вкупниот број погодоци на Барселона, но и двојно повеќе од најблискиот следбеник Килијан Мбапе. Интересно е тоа што Полјакот сам има повеќе голови од ударното напаѓачко дуо на Реал, Мбапе-Винисиус кои заедно досега постигнаа 11 гола.