Ем удрен, ем казнет: Играч во Италија доби удар од навивач, па техничка грешка од судијата (ВИДЕО)

Поранешниот европски шампион, сега италијански второлигаш Канту како гостин го совлада Ливорно со 83-80 , но натпреварот го одбележа инцидент во кој учествуваше играч на оваа екипа и домашен навивач.

При обид да изведе топка од страна, Рикардо Мораскини доби удар од зад грб од навивач на трибината. Сето тоа се случи пред еден од судијата кој, сепак, не ја виде ситуацијата и не презема мерки. Во продолжение од ситуацијата, Мораскини, кој е поранешен италијански репрезентативец, тргна кон противничкиот навивач да се објасни, веројатно и да му врати, но тогаш судијата го забележа тоа и нему му досуди техничка грешка иако кошаркарот на Канту беше жртва во целиот случај.

 

 

Тоа се случуваше на седум минути пред крајот на мечот и по слободното фрлање Ливорно израмни на 68-68, но гостите до крајот успеаја да дојдат до победата.