Захариевски: Знам дека навивачите се разочарани, но од јануари Вардар ќе има европски тим!

Тренерот на Вардар, Срѓан Захариевски како гостин на МТВ за време на мечот меѓу Летонија и Македонија, говореше и за состојбата во клубот кој го води.

Вардар оваа есен се мачи, изгледа полошо отколку што беше лани кога се бореше за опстанок. Захариевски е третиот тренер кој се обидува да направи нешто, но резултати нема.

Тој вели дека кога ќе се отвори јануарскиот преоден рок, клубот со финансиската инјекција од новите сопственици ќе купи фудбалери соодветни на амбициите и тогаш приказната ќе биде многу поразлична од оваа која може да се види денес.

„Оваа есен ќе биде една од најтешките во историјата на клубот. Сега се разликуваме од она што клубот може да биде и што треба да биде. Вардар е во фаза на консолидација, од неодамна има нов сопственик. Вардар ќе биде добра приказна, но оваа есен целта е да ги стабилизираме резултатите, да не бидат такви какви што се во моментов. До крајот на есенскиот дел имаме уште девет натпревари и еден или два Куп меча, од нас ќе зависи колку ќе бидат. Репрезентативната пауза ја користиме да работиме и на физички план, имаме по два тренинга дневно. Фудбалерите тешко го издржуваат ритамот среда-недела. Знам дека разочарувањето кај навивачите е големо, особено кај нашиот дванаесети играч, Комитите. Се чувствуваме и ние лошо, многу лошо“, вели Захариевски.

„Јас знам во што влегов, знам колку е голем овој предизвик, гледам светло на крајот од тунелот, затоа што Вардар се консолидира финансиски, ќе гледаме колку што е можно подобро да го минеме овој тежок период и да извадиме колку што е можно повеќе, а од јануари приказната ќе биде поинаква. Тогаш ќе имаме подготовки, ќе се засилиме, ќе земем играчи кои ќе одговараат на лигата и на пролет ќе имаме Вардар каков што сите сакаме, Вардар кој ќе ги нападне местата кои носат во Европа, европски Вардар“.