На Артета му се стемни: Сака си замина повреден од натпреварот против Грција

Освен тоа што загуби од Грција на домашен терен, Англија остана без Букајо Сака во мечот што синоќа се одигра на Вембли.

Крилото на Арсенал принудно беше заменет во 51. минута поради повреда на задната ложа и на негово место во игра влезе Нони Мадуеке. И англискиот селектор Ли Карсли по мечот призна дека Сака е повреден.

„При акцијата за првиот гол на Грција, можеше да се забележи дека почувствува нешто на ногата и потоа побара замена“, рече Карсли.

Повредата на Сака е голем проблем и за Арсенал бидејќи сега е неизвесен неговиот настап на дуелот од следното коло против Борнмут, а не е исклучено и да паузира подолг период.