Не помага ни Мурињо: Галатасарај го разнесе Фенер како гостин (ВИДЕО)

Фенербахче летово го донесе Жозе Мурињо да ја прекине доминацијата на Галатасарај во турскиот фудбал и да ја донесе првата титула по пауза од една деценија, но ако по утрото денот се познава, таа мисија ќе биде многу тешка за трофејниот португалски стручњак.

 

 

Во првото големо дерби на Истанбул во новата сезона, Галатасарај се прошета до „Шукру Сарачоглу“ и како гостин славеше со 3-1, замолкнувајќи над 50 илјади навивачи на својот голем ривал. Да биде уште полошо за домаќините, Фенербахче во ниеден момент не беше блиску до победата бидејќи по еден час игра губеше со дури 0-3.

Прво Ливаковиќ си постигна автогол во 20. минута, но факт е дека немаше среќа бидејќи по ударот на Тореира топката удри во стативата, па во хрватскиот голман и заврши во мрежата. Осум минути подоцна Мертенс зголеми на 2-0, а во 60. минута Сара го нокаутира домашниот тим кој до крајот успеа само да намали преку Џеко од пенал.

По шестото коло, Галатасарај останува убедливо на врвот на табелата со максимален број бодови, додека Фенербахче е втор со 13.