Едукација за нервозните родители: Навивај коректно, поддршка ДА, насилство НЕ!

Откако крајот на минатата сезона во Детската Лига беше одбележан со неколку тепачки меѓу родителите и тренерите на екипите, а ФФМ забрани присуство на публика, интересна иницијатива почна оваа сезона во Прилеп, каде што е одржа Третиот меѓународен фудбалски турнир „Прилеп куп 2024“, кој помина во знакот на пораката која преку дресовите ја испраќаа дечињата учесници.

Станува збор за проектот под име „Навивај коректно“ кој го започна Александар Ѓорѓиоски како претставник на „Идеал Спорт“.

„Во овој проект се вклучени сите фудбалски школи и основното училиште ООУ Гоце Делчев од нашиот град, Прилеп. Целта на проектот е да ја подигнеме свеста за коректно и позитивно навивање и да ги поттикнеме сите на фер игра и поддршка. Идејата на проектот „Навивај коректно“ е да создадеме пријатна и поддржувачка атмосфера на фудбалските терени, со посебен фокус на родителите како навивачи. Благодарение на компанијата „Globe Logistics Inc“ секоја фудбалска школа доби по 20 комплети, дресови и шорцеви, што значи вкупно 140 комплети со инспиративни позитивни пораки. На предната страна на дресовите ќе ги најдете овие пораки:

Навивај коректно!
Поддршка ДА – Насилство НЕ!

Со овие пораки, сакаме да поттикнеме позитивно навивање и да го зајакнеме спортскиот дух и дружбата меѓу играчите и навивачите. Најважно од сè, сакаме да бидеме позитивен пример за нашите деца и да покажеме дека спортот е забава, љубов и другарство.

Придружете ни се и навивајте коректно!“, порачува Ѓорѓиоски.

Неговата идеја е поттикната од минатогодишните инциденти кои се случуваа на терените во натпреварите од Детската лига што доведе до тоа сезонава да имаме забрана, па утрово родителите да не можат во нормални услови да ги гледаат своите деца.

Планот на Ѓорѓиоски е овој проект да не остане само во Прилип, туку и да ја опфати цела Македонија.