МВР со детали: Двајца го претепале судијата на ФФМ Детска Лига!

После вчерашниот голем и срамен скандал на кој тренер на Шкендија претепа судија на мечеви во детската лига, чија завршница се игра на терените на ФФМ во тренинг-центарот Петар Милошевски, министарството за внатрешни работи излезе со детали за големиот инцидент.

Според МВР вчера пред 10 часот наутро, две лица го нападнале судијата после мечот и тој завршил во болница, а сето тоа се случувало пред очи на десетгодишни деца кои штотуку понале да се запознаваат со играта која има мото „да ги зближува луѓето“.

„На 27.05.2023 во 09.52 часот Г.М.(40) од Скопје пријавил дека на спортскиот стадион “Петар Милошевски“ во Скопје, каде бил фудбалски судија на фудбалски натпревар од детска лига помеѓу екипи од Штип и од Тетово, по завршување на натпреварот бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, објави МВР.

Големиот скандал е само кулминација на комплетниот хаос во македонскиот фудбал, кој придонесе тешки инциденти да има и во детската лига, зашто низ годиниве имало инциденти со напади врз младински екипи, ама првпат се случува тоа да е на „грасрут“ настаните кај дечињата.

ФФМ како организатор е една од најодговорните за овој скандал и инцидент, зашто на мечевите вчера утрото воопшто немало полиција, а таа дошла дури по претепувањето на судијата. За разлика од овој срам, ФФМ вчера на редовното Собрание се фалеше колку добро работи.