Сите соседи славеа медали, а ние - да сме живи и здрави!
Мајката имала три сина, за кои гордо потенцирала дека едниот е доктор на науки, а другиот магистер. А, кога и да ја потпрашале за третиот, нејзиниот одговор бил: Ма, што е важно тоа, нека ми е само жив и здрав.
Вака најдобро може да се опише настапот на македонските спортисти на Олимписките игри во Париз, гледано, пред сѐ, низ призма на остварувањето на нашите соседи. Сите од нив дојдоа до медали, па дури и Косово и Албанија (првпат во историјата), додека во исто време ние се кавгавме на социјалните мрежи за тоа дали последното место е (не)успех и се „палевме“ на веење на знамето на некој што завршил на 69. позиција. Уште еднаш се потврди дека спортот не трпи импровизации и дека само со планска работа, со јасна визија и со реална проценка на можностите може да се дојде до посакуван резултат. Сето друго е само – рекреација.
Игрите во Париз донесоа нов тренд кај нас – глорификација на самото учество на ЛОИ без разлика на конечниот пласман. Така медиумите кои објавија дека „Пливачот Ѓуретановиќ заврши последен“ се најдоа на столбот на срамот. А факт е дека тој навистина го освои последното место. Не е важно дали имал 16 години, дали имал доволна поддршка, време во базените, клучното е што на овие Игри, кои се во апсолутна конкуренција, тој финишира последен. Момчето можеби е талентирано за своја возраст, но на овој настан не заслужи ништо подобро од конструктивна критика бидејќи исплива полошо од своето најдобро време. Но, што знае дете што се 500 кила, најголема вина за сѐ околу него имаат возрасните кои можеби предвреме го турнаа во олимпискиот оган.
Случајот „Ѓуретановиќ“, но и сето тоа што можеше да се слушне и прочита на социјалните собиралишта поврзано со настапот на Дарио Ивановски во маратон, каде што заврши како 69-ти од 81 натпреварувач, покажа дека кај нас критиката дефинитивно е АУТ. Со атлетичарот, пак, се докажа дека во моментов најмногу ИН е – патетичниот патриотизам. Само кај нас историски успех е што некој ја завршил трката без разлика на крајниот исход и тоа како прв Македонец во ситуација кога ниту еден сонародник претходно не ја трчал истата патека. А главна вест не е тоа што Дарио остварил со 20 минути полош резултат од своето најдобро време, туку фактот што пред целта го добива македонското знаме и со него ја финишира трката. Сигурно и тие што завршија пред него си ги сакаат државите, но не видовме дека некој од нив направи ваков „спектакл“. Но, затоа кај нас се величеше ваквиот потег, кој нема никаква врска со спортот туку има со евтиниот национализам како начин да се прикријат одредени пропусти.
Дека не е се така лошо ни покажа таеквондистката Миљана Рељиќ, која за малку не дојде до полуфиналето и која во првото коло совлада двоен олимписки шампион. Таа без многу помпа и пи-ар на социјалните мрежи од нејзиниот тренер (за разлика од некои други) си ја одработе задачата, даде сѐ од себе и без разлика што не дојде до медал заслужи пофалби. Со ова уште еднаш се покажа дека таеквондото полека станува олимписки национален спорт број еден во Македонија, во кој дефинитивно вреди да се вложува многу повеќе од досега.
Настапот на останатите тројца македонски претставници во Париз беа во рамки на очекувањата и минаа тивко, пред сѐ во делот на Анастасија Мојсовска во спортско стрелаштво и на Еди Шерифовски во џудо. Потфрли борачот Владимир Егоров, кој најавуваше медал, но убедливо загуби уште во првата борба што и не предизвика преголеми емоции во јавноста со оглед на неговата натурализираност и работа надвор од Македонија. Ретко кој го чувствува како свој, без разлика што момчето секогаш дава сѐ од себе, за што доказ е и титулата европски шампион.
И додека нашите соседи денеска на балкони ги поздравуваат своите медалоносци, а нивните Влади на итни седници носат одлуки за парични награди, ние веќе и заборавивме дека имало Олимписки игри. И вака ќе биде сѐ додека некој не тропне на маса и каже дека времето за прошетки и рекреации е минато и дека ако некој сака да биде дел од олимпискиот спектакл ќе треба тоа да ги заслужи со адекватен резултат. На новото Министерство за спорт е да смени нешто, да направи план и програма, па веќе за четири години во Лос Анџелес наместо за последното место и за евтиниот национализам да дебатираме за тоа колку медали ќе освојат македонските спортисти и дали конечно ќе се израдуваме на златото како самостојна нација.
Но, познавајќи се, за вакво нешто, сепак, ќе ни требаат повеќе од една Олимпијада.