
Партизан постави неславен клупски рекорд против Динамо Киев
Освен тоа што не може на ниеден начин да ја загрозат Црвена Звезда во домашниот фудбал, „црно-белите“ трпат бламажи и на меѓународна сцена каде едвај успеваат да победат некого и доживуваат тешки порази. Двомечот со Динамо Киев беше пробивање на дното за Партизан кого по се изгледа го чека уште една тешка сезона.
Белграѓани загубија со вкупен резултат 2-9 и тоа е првпат во историјата на Партизан, во двомеч од европските купови да прими девет гола. Досегашниот неславен рекорд датираше од сезоната 2021/22 кога во осминафиналето од Конференциската лига Феенорд му даде осум.
По овој дебакл Партизан се сели во Лигата Европа каде во следната квалификациска фаза ќе се сретне со швајцарскиот Лугано.