Крос емотивно се збогува со Германија и му се извини на Педри за ужасниот старт!

Тони Крос синоќа го одигра последниот меч во пребогатата кариера, откако неговата Германија загуби по продолженија во четвртфиналната пресметка со Шпанија (1-2), а денеска преку социјални мрежи емотивно се збогува со националниот тим, но и се извини за ужасниот старт врз Педри.

Тој уште во шестата минута остро стартуваше врз шпанскиот репрезентативец, кој веднаш мораше да ја напушти средбата, а поради кој ќе биде надвор од фудбалот во следните шест недели. Крос пред три години се повлече од германската селекција, но летово реши да се врати на инсистирање на селекторот Нагелсман за идилично збогување, со оглед што веќе беше познато дека ќе стави крај на играчката кариера.

„Лани на крајот од септември ми се јави Нагелсман и веднаш знаев зошто – да се вратам во репрезентацијата. Умот велеше не, а срцето рече да, па ја на крајот решив со срцето. Моја прва мисла утринава беше дека сум среќен што донесов таква одлука, без разлика на тагата и празнината по последниот свиреж на судијата. Не очекував дека за толку кратко време ќе имаме реални шанси да ја освоиме титулата и да се вратиме на исто ниво со најдобрите. Горд сум на постигнатото, цела Германија треба да биде. И едно последно нешто што ми е многу важно: Извини Педри и оздрави наскоро! Јасно е дека не сакав да те повредам. Брзо закрепнување и се најдобро. Ти си одличен фудбалер“, напиша Германецот.

Крос кариерата ја почна во 2007 година во Баерн Минхен, за кој играше седум сезони по што мина една година во Баер Леверкузен, за во следните десет да го носи дресот на Реал Мадрид. На клупско ниво одигра 429 натпревари и постигна 49 голови, додека за Германија настапи на 114 средби и реализира 17 погодоци.