Ѓорческа ќе заработи 20.000 долари само што ќе стапне на терените на Вимблдон!

Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, утре ќе се појави на терените на неофицијално светско тениско првенство, како што популарно се нарекува Вимблдон и тоа во квалификациите за главниот турнир, во кои со самото учество ќе заработи речиси половина од вкупно парите што ги има инкасирано како награди за цела 2024 година.

Третиот годинешен гренслем годинава ќе се игра за вкупен награден фонд од 63,3 милиони долари, што е за 12 отсто повеќе во однос на лани. Победниците во двете конкуренции ќе инкасираат по 3,5 милиони долари додека тенисер(к)ите што ќе се појават во првото квалификациско коло, како нашата Ѓорческа, ќе имаат загарантирани 20.000 долари. Триумфот во стартниот меч ќе ѝ донесе на Македонката дополнителни 10.000 долари, додека евентуалниот втор триумф на Лина на терените во Лондон би значело инкасирање на најмалку 50.000 долари, во случај на пораз во последната рунда пред пласманот во главната ждрепка.

Ова значи дека со само две победи во квалификациите за Вимблдон, каде што настапува по вторпат, македонската тенисерка би заработила идентична сума колку што има добиено како награда на сите турнири што ги одиграла во 2024 година. Според Тениската асоцијација за жени (ВТА), Ѓорческа годинава има инкасирано 50.943 долари, додека вкупно во целата кариера има заработено вкупно 340.000 долари. Таа во моментов е 230. на ВТА-листата, а нејзин најдобар пласман во кариерата е 170. позиција на која беше во јуни 2017 година.