Шпанците се пласираа во осминафиналето на ЕП – без да дадат гол ја совладаа Италија (ВИДЕО)

Репрезентативците на Шпанија не постигнаа гол во вечерашниот дуел против Италија во меч од 2. коло од групната фаза на ЕП 2024, но и покрај тоа дојдоа до минимален триумф и нови три бода со оглед што противникот си постигна автогол.

Средбата ја реши Рикардо Калафиори, кој во 55. минута ја затресе сопствената мрежа. Тоа воедно беше и казна за индолентната игра на „аѕурите“, кои цело време се бранеа, а малку нападнаа дури во финишот. Шпанците имаа повеќе шанси за поубедлив триумф, додека Италијанците упатија само еден удар во рамките на противничкиот гол.

„Црвената фурија“ сега има две победи и сигурен пласман во осминафиналето, поради што мирно ќе го пречека последниот дуел против Албанија. Италија, пак, останува со три бода поради што не смеат да загубат од Хрватска ако сакаат да бидат сигурно на патот кон нокаут-фазата.