Пикси еуфорично по драмата со Словенија: Србите не умираат така лесно!

Србија и Словенија денеска одиграа меч со драматичната завршница во 2. коло од групата Ц на ЕП 2024 (1-1), кој кулминира со изедначувачкиот гол на нашиот северен сосед буквално во последната секунда од средбата.

Ова беше огромен погодок за Србите, бидејќи останаа во игра за пласман во групната фаза.

„Србите не умираат така лесно. Не се предаваме и нема да се предадеме, веруваме до крај и резултатот дојде како награда. За многумина средбата веќе беше завршена, но за нас не беше. Знаевме дека ќе биде тежок натпревар, ова е Еуро, а не е пријателски дуел. Задоволен сум што создадовме многу шанси, но не и од тоа што ниту една топка не влезе во мрежата. На крајот едноставно не сакавме да го прифатиме поразот од Словенија и успеавме да изедначиме“, изјави Драган Стојковиќ, селекторот на Србија.

Популарниот Пикси беше полн со пофалби за Лука Јовиќ, кој ја спаси Србија.

„Го сакам Лука. Тој постигна гол, ама затоа влезе во игра. Секогаш верував во него. Знам дека секогаш му треба малку простор. Ова е добро за неговата самодоверба. Важно е секој фудбалер да постигне гол“, дополни српскиот предводник.

Србија последниот меч од групата ќе го одигра против Данска на 25 јуни (вторник).