Милан се изнапромашува и остана на 0-0, Лајпциг сефтоса три бода! (ВИДЕО)

Милан не успеа да почне со победа во новата сезона од Лигата на шампионите, иако одигра подобро од Њукасл на „Сан Сиро“. Почетниот резултат остана и конечен и покрај 25 удари кон голот на премиерлигашот наспроти само шест во спротивна насока.

Особено интензивно се играше пред голот на Ник Поуп во првиот дел, кога Милан пропушти неколку големи можности, а посебно се посрамоти Рафаел Леао, кој одбра да биде атрактивен, наместо ефективен, во 34. минута. Њукасл имаше една можност во завршните минути, кога Лонгстаф биеше од работ на шеснаесетникот над голот. Во оваа група, до 21 часот ПСЖ ја пречекува Борусија.

Во групата Г, Лајпциг отвори со триумф од 3-1 на гостувањето кај Јанг Бојс. Бундеслигашот ја почна ревијата голови преку Симакан уште во третата минута, но Елија изедначи точно половина час подоцна. Фаворитот напаѓаше и се обидуваше да го врати водството во второто полувреме, а успеа дури во 73. минута, преку Шлагер. Погодокот на Шешко, две минути по 90-тата, беше само за потврда и за поубедлива гол-разлика на табелата, но и за лична сатисфакција на Словенецот, кој стана најмлад стрелец на Лајпциг во ЛШ.