Трансферот на Јаго пропадна: Бразилецот се предомислил, не му се доаѓало во Вардар!
Јаго Силва требаше да биде замената за Јамбул Џигаури, откако црвено-црните согодбено го раскинаа договорот со Грузиецот. И, иако речиси сè било договорено, Бразилецот во последен момент се откажал.
„Трансферот на Јаго најверојатно нема да се оствари, затоа што играчот се предомисли. Во ситуацијата, не е до Вардар, затоа што ние понудивме добри услови. Сепак, за жал во нашето првенство тешко се решаваат да дојдат подобри играчи, откако ќе видат на какви терени и стадиони се игра и кога ќе ги видат празните трибини на интернет“, вели спортскиот директор на црвено-црните, Дарко Панчев.
Вардар е во потрага по странски засилувања, а веќе еден Аргентинец, Лукас Охеда, кој е дел од великанот Ривер плејт во моментов е на проба кај црвено-црните и тој во Анталија, каде вардарци заминуваат во вторник ќе треба да се наметне кај тренерот Чедомир Јаневски за да се избори за договор. Како и во случајот со Јаго и Охеда е офанзивен играч за врска.
Од поодамна е најавено дека вардарци следат неколку африкански фудбалери, пред се од Гана и од Нигерија, кои преку проба во Анталија би можеле да го засилат црвено-црниот табор, а и Панчев посочува дека во моментов најреална опција за засилувања од странство се Африканци.
„Најреална опција се играчи од Африка, кои сакаат да напредуваат и кои сакаат Вардар да им биде отскочна даска за во иднина. Има многу добри играчи во Африка. Ние работиме за да ја засилиме екипата со некој странец, има неколку имиња во опција, но ќе видиме“, додава Панчев.
Вардар досега се засили со четворица млади македонски фудбалери и тоа со тројца од Пелистер, бековите Кристијан Тпшевски и Јован Попзлатанов, како и фудбалерот за врска Матеј Цветановски, плус и голманот Филип Илиќ.