„За малку ќе направев глупост - ќе му вратев на полицаецот!“

Еден од најдобрите македонски ракометари, Филип Талески, беше дел од познатиот подкаст Лазаров, споделувајќи интересни детали и од кариерата и од приватниот живот. 

Неизбежна тема беше непријатната случка на финалето од Купот на Македонија, кога беше удрен од еден полицаец, по завршувањето на мечот. Талески раскажа што се случило, но сподели и што во тој момент му поминувало низ главата.

„Тие што бевме во прв ред, меѓу нив и јас, се обидувавме да ја смириме ситуацијата. Меѓу нас беа редарите, а потоа дојдоа и полицаијци и велеа ‘добро е, добро е’, демек нема потреба од никакви турканици или каква било поголема кавга и само одеднаш колегата нивен од позади, со која причина не знам, налета и удри. Среќа се поттргнав, видов дека замавнува и оттука настана поголема мешаница. Не беше упатена кон играчите, туку кон обезбедувањето и полицијата.

Искрено, сакав да вратам со иста мера, од Господ даден некој човек колега негов, ми рече ‘не прави глупост’, само тој збор ми го рече и јас одма се свестив, ми дојде во глава дека, ако направам нешто, ќе бидам јас виновен. Изреагирав многу присебно. Потоа имаше вербален дуел, се гледа тоа и на снимката, јас му шепнав на уво, може и да кажам што, но ќе биде цензурирано. Го опцув јако. Можеби и нему му падна неубаво, видов дека изреагира така, но... Мислам дека полицијата е тука да го штити народот, а не да го тепа. Ти си тука да нè вардиш и да нè чуваш, а ние сме тука да бидеме послушни. Така што во тој момент се почувствував лошо и потоа по пат кога се враќавме накај Скопје. Се почувствував како запоставен од својата земја. Го носам со гордост дресот на Македонија, бидејќи секогаш сум давал максимум, некогаш добро, некогаш лошо и си реков сè ќе направам за да одговара тој полицаец. Слушав дека сакал да ми се јави, да ми се извини, но не ми се јавил. Ако сака нека се јави, јас сум тука ќе му простам“, раскажа Талески.

Додаде дека тој го пријавил полицаецот и дека постапката е влезена во каналите на законот, паралелно со внатрешната контрола која ја спроведува МВР.

Целиот подкаст можете да го проследите на овој линк. Во него зборува и за тоа како примал инфузии пред мечот со Алкалоид, за заминувањето во Бенфика, за понудите кои ги имал додека бил во Вардар, но и за работите кои не „штимаат“ во репрезентацијата.