Општина Аеродром почна со реконструкција на „новиот дом на Вардар“ (ФОТО)

Најавите дека општина Аеродром ќе го оспособи фудбалскиот терен близу СЦ „Јане Сандански“ и ќе му го додели на ФК Вардар почнаа да добиваат материјализација на терен.

Од општината споделија на Фејсбук дека почнала работата за реконструкција на теренот на игралиштето, кој е во многу лоша состојба.

„Почетниот чекор во насока на обезбедување нов дом за FK Vardar и Komiti Skopje, опфаќа целосна реконструкција на системот за одржување на теренот и поставување нова тревна површина. Со инвестиција на одговорните компании од околу 2 милиони денари, првиот тим и младинските школи на ФК Вардар ќе добијат место на кое ќе можат да ги одржуваат своите тренинзи и натпревари.“, пишува во известувањето од општината.

Вардар обезбеди пласман во Прва лига за претстојната сезона, а прашањето со терен на кој ќе ги игра натпреварите уште не е решено, па ова е прв чекор кон консолидација на состојбите во најтрофејниот македонски клуб, иако пред него претстои лето полно со неизвесности и неодговорени финансиски прашања.