Ѓоковиќ се врати од повредата победнички, па потоа загуби од пензионер!
Српскиот тенисер беше поразен од еден тениски пензионер, но ни малку наивен противник. Станува збор за Лејтон Хјуит на несекојдневниот егзибициски турнир „Тајбрејк тенис“.
Тоа е турнир во кој не се игра на гемови и сетови, туку само еден „супер тајбрејк“ до 10 поени. Ѓоковиќ не успеа да го надигра некогашниот освојувач на Вимблдон и на УС-опен и загуби со 10-6.
Овој меч дојде само неколку часа откако го победи Доминик Тим со 6-1, 6-4, на еден друг егзибициски натпревар, „Кујонг класик“, сепак со нормални правила.
Ѓоковиќ беше отсутен од терените уште од јули, поради повреда на лактот, а пред нова година неколку пати го одложуваше враќањето и изјавуваше дека неизвесен му е настапот на Австралијан опен. Сега се врати и овие егзибициски турнири се во функција токму на влегување во натпреварувачки ритам за да може на 18 јануари да биде дел од првиот грен-слем во годината.