
Навивачите на Челси од мака се мајтапат со Боели – намерно се губи за да имаме прв пик на драфт!
Боели покажа дека е тотален аналфабет за фудбал, па излегоа и наводни барања од првиот сменет тренер Томас Тухел, сега кормилар на Баерн, дека требало да игра во формација 4-4-3 (со 12 играчи), па успеа во една сезона да смени два тренери (Тухел и Грахам Потер) и само на нив да потроши 50 милиони евра (отштета и трансфер), ама ни Франк Лампард не помогна со пет порази во пет меча и најслаба сезона на лондончани од 1993 година.
И на сета мака зашто Челси во новата сезона нема да ја види Лигата на шампионите, а извесно и Европа, навивачите ја најдоа „главната цел на газдата“ зашто нивниот клуб е толку слаб. Боели бркал – прв пик на драфтот. Алузија на американскиот професионален спорт, каде најслабиот тим добива право да избере на драфт од големите таленти. Нормално, вакво нешто не постои во европскиот фудбал, ама на сите им е јасно дека Американецот залутал во европскиот фудбал.
„Лампард ги избира стартните тимови како Боели да му поставил цел да сме најслаби, за првиот пик на драфтот да го добиеме“, напишал еден англиски навивач и ова стана вирален хит меѓу челзиевци, кој го пренесоа англиските таблоиди.
Веќе од доаѓање, дел од најголемите премиерлигашки легенди кои се стручни коментатори и аналитичари постојано посочуваат дека Боели не разбира фудбал зашто ова е неамерикански спорт.
Американскиот бизнисмен има 20 отсто од акциите во бејсбол-франшизата ЛА Доџерс, како и 27 отсто од кошаркарската франшиза во НБА, ЛА Лејкерс.