Емилијано Мартинез: Меси е 99,9 отсто од овој тим, ние само треба да му помогнеме!

Аргентина фудбалски ја разби Австралија, но во 97-та минута се спасуваше да избегне продолженија, откако Емилијано Мартинез одбрани чист зицер, па сега на сите им порача дека мора уште повеќе да се потрудат да му помогнат на Лео Меси на патот по кој тргнале – да го води тимот до светска слава.

Меси го игра својот петти Мундијал, последен за него и последна шанса да ја освои „божицата“, единствен трофеј кој му недостига, а за тоа Меси за почеток ќе мора да има поголема поддршка од соиграчите во напад, пред сѐ во реализацијата на шансите.

„Лео го води овој тим, одиме чекор по чекор, го води напред и ние ми требаме и мора да го направиме едноставното – да му помогнеме. Лео е 99,9 отсто од тимот, а ние останатите сме 0,1 отсто и треба да му помогнеме. Холандија е голем противник, знаеме што нѐ чека, но и тие треба да знаат против кого играат. Ние ќе направиме сѐ за да чекориме по патот по кој не води Меси“, рече Мартинез.