ФИБА е чудо: Македонија загуби со 124 поени разлика и - напредува на ранг-листата!

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија со два преубедливи порази со вкупна негатива од 124 поени ги почна квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) 2021, но и покрај тоа напредува на листата на ФИБА и тоа за – шест позиции.

Крајот на првиот репрезентативен прозорец во предквалификациските олимписки турнир во Азија, Африка и Америка и дуелите за пласман на европскиот континентален собир донесоа промени во рејтингот на репрезентациите, но и небулози како што е таа поврзана со нашата. Избраничките на селекторот Владимир Ѓоровиќ прво загубија со 40-105 на гости кај Германија, а потоа беа поразени во „Јане Сандански“ со 39-98 од Летонија, додека во нашата квалификациска група е и Хрватска.

Македонија досега беше 85. на светот, додека сега сме на 79. позиција во светски рамки, додека на европско ниво бевме и останавме на 38. место. Секако, јасно е дека нашето искачување нема врска со некакви наши добри резултати, кои, напротив, се засрамувачки, туку поради лошите игри, но и губењето бодови од претходно на селекциите кои се пласирани во наша близина.

Најдобра во светот е селекцијата на САД, додека во Европа прва е Шпанија, пред Франција и Турција.