Василев седна на клупата на поранешен евролигаш и деветкратен шампион на Полска!
Станува збор за клуб што играше во Евролигата во периодот од 2004 до 2013 година и доминираше во полското првенство со девет последователни титули (2004-2012). Арка денес се соочува со потешкотии и моментално е на дното на табелата со само една победа во шест натпревари, што доведе до смена на тренерот Артур Гронек. Главна задача на Василев ќе биде да го задржи тимот во лигата. Полската кошарка му е добро позната на Василев, кој во сезоната 2018/19 беше асистент во Легија Варшава, а интересно е дека уште еден Македонец, Тане Спасев, во минатото го водеше тимот на Арка.
Василев има повеќе од солидна меѓународна кариера. Работеше во Бахреин, Иран, а од 2015 година речиси постојано е во странство. Беше дел од Лиетувос Ритас и Џукија во Литванија, Легија Варшава, а минатата сезона ја почна во бугарскиот Берое и ја заврши во литванскиот Мажеикиаи. Во Македонија, пак, се истакна како селектор на младинските репрезентации, со посебен успех минатата година, освојувајќи сребро на Европското првенство во Б-дивизија со У20 тимот.