Тодоров: Разочаран сум, единствени сме што со две победи нема да играме на ЕП!

Македонската кошаркарска репрезентација денеска, на турнирот во Перм, извојува пирова победа над Естонија (86-84), но не се пласира на Европското првенство (ЕП) 2022 поради поразот со девет поени разлика од истиот противник лани во Скопје, што, секако, донесе разочарување кај селекторот Александар Тодоров.

Тој истакна дека Македонија е единствената што со две победи нема да игра на континенталниот собир, но и дека е горд на оваа група кошаркари.

„Мечот го загубивме во првото полувреме, кога на противникот му дозволивме многу отворени шутеви. Потоа се обидовме да направиме нешто како вчера, но тоа не беше доволно. Се обидовме да се избориме за продолжение, но Естонија ја прочита нашата идеја, па почнаа и намерно да промашуваат шутеви на крајот. Ние сме единствениот тим во овие квалификации кој со две победи не оди на Евробаскетот. Разочаран сум од крајниот епилог, но многу сум горд на оваа група момци, бидејќи навистина успеавме да создадеме еден тим, но овој пат тоа не се покажа како доволно“, изјави Тодоров.

Жолто-црвените сега мора пак да играат претквалификации и тоа за пласман на СП 2023, кои почнуваат годинава во ноември.