Стојановски: Да ги завршиме квалификациите барем со победа против Украина

Македонската кошаркарска репрезентација утринава во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ги започна подготовките за последните два натпревари од квалификаците за Светското првенство. 

Нашиот тим гостува кај Шпанија на 1.јули, а три дена подоцна ја пречекува Украина. Лидер на подмладениот состав на селекторот Драган Бајиќ ќе биде Војдан Стојановски. 

Нашиот репрезентативец сака да ги заврши квалификациите барем со една победа и тоа против Украина на домашен паркет. 

„Малку сме од искусните што останавме, имаме повеќе млади. Атмосфера секогаш имало и ќе има во репрезентацијата“, вели капитенот. „За натпреварите, Шпанија е со истиот состав кој играше во Македонија. Дали е ‘Б’ или ‘А’ тим, Шпанија е Шпанија, ние ќе дадеме се од себе. Најважно ќе биде да се одигра достојно и против селекција од Евролигата и Еврокупот. Дома, пак, со Украина, сакаме да одиме на победа и да ги завршиме квалификациите барем со една победа. Во овој циклус научивме дека нема слаби репрезентации. Штета што цело време не сме комплетни, поради повреди и отсуство на играчи. Последен пат бевме комплетни на ЕП 2015 во Загреб“, завршува Стојановски.