Сефте во Софија: Младинците пак лошо шутираа па едвај го совладаа Азербејџан!

Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија далеку потешко од очекувањата дојде до првата победа на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, во Софија, откако попладнево го совладаа слабиот Азербејџан само со седум поени разлика (74-67).

Лошиот шут одново беше голем проблем за четата предводена од селекторот Никола Василев, чии избраници погодија само осум тројки од 25 обиди и беа пречиси на мизерни 50-отсто во ударите од линијата за слободни фрлања (16-30). Дури и против оваа егозтична селекција бевме инфериорни во скок играта (50-58), а имавме и повеќе загубени топки (15-12).

Виктор Ефремовски со 20 поени беше најпрецизен кај Македонија, Леонид Тодоровски постигна 18 поени додека Дамјан Крстевски реализира 16 поени со 11 скока.

Овој триумф значи избегнување на последното место во групата, а со тоа и борба за пласман од 9-16 место на второлигашкиот континентален собир во бугарската престолнина. Жолто-црвените кошаркари на возраст до 20 години утре ќе го одиграат последниот меч од првата фаза и тоа против Белорусија.