Рајковиќ бара подобар третман за „печалбарите“: Сакаме дома, ама без карантин (ФОТО)

Поранешниот тренер на Работнички и на МЗТ Скопје, Емил Рајковиќ, кој во моментов е тренер на казахстанскиот шампион Астана и селектор на оваа земја, преку социјалните мрежи реагира на третманот кој македонските власти го имаат кон своите државјани кои пандемијата го затече на работа во странство, а кои сега сакаат да се вратат дома.

Во моментов сигурно еден од најреспектираните македонски тренери сѐ уште се наоѓа во Нур Султан, главниот град на Казахстан и тоа со помошникот Саше Тодоровски, заедно со семејствата на двајцата. Рајковиќ реагира што не се менува делот за заминување во државен карантин, во ситуација кога мерките во борбата против коронавирусот се намалуваат, а полека се размислува и за отворање на границите.

Искусниот стратег бара на тие што сакаат и што можат да им се овозможи со тестирање на сопствен трошок да докажат дека не се носители на вирусот, наместо да останат доследни на мерката од 14-дневен период на изолација, кој ги обесхрабрува гатербајтерите да се вратат во својата држава.

„Македонските граѓани кои се здрави и кои сакаат да се вратат дома имаат право да бидат згрижени од сопствената држава, како што многу други земји го прават за своите жители. Тие се важни за економијата бидејќи носат средства кои би влегле како свеж капитал во државата“, вели меѓу другото Рајковиќ.

Изминатиов период на „војна“ против коронавирусот одведе повеќемина спортисти во самоизолација, а потоа и во задолжителен карантин. Еден од тие е и колегата на Рајковиќ и актуелен селектор на Македонија, Александар Тодоров, кој при враќањето од Романија прво мина 14 дена во карантин во еден скопски хотел, а потоа уште две недели во изолација во својот дом.