Постот продолжува: Црна Гора, а не Македонија ќе ја замени Русија на ЕП 2022!

Без разлика на надежите дека Македонија ќе ја замени суспендираната Русија како учесник на претстојното ЕП 2022, со оглед што игравме во иста група со „баќушките“, Собранието на ФИБА во сабота ќе донесе одлука испразнетото место да го пополни селекцијата на Црна Гора.

Русите ќе бидат исфрлени од идниот континентален собир поради агресијата врз Украина, а натпреварувачката комисија на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) даде препоракја Црногорците на „мала врата“ да влезат меѓу најдобрите европски селекции. Причина за ваквата одлука се правилата кои важат во кошарката, а кои велат дека ако некоја екипа не може да настапи на некое натпреварување, пласман обезбедува тимот со најдобар скор меѓу тие што испаднале. Црна Гора е единствена меѓу неквалификуваните за ЕП со три победи, поради што доби втора шанса за „дружење“ со европската елита. Македонија, за жал, квалификациската фаза ја заврши со скор 2-2, идентичен со Естонија, која, сепак, имаше подобар кош-количник во меѓусебните дуели.

Сето ова треба да биде потврдено на Собранието на ФИБА следниот викенд. Македонија досега има пет настапи на европските првенства, но последен пат во друштвото на најдобрите настапи во веќе далечната 2015 година, кога игравме во група во Загреб.