Попович по елиминацијата на САД: Не е крај на светот!

После 13 години, кошаркарите на САД го доживеаа првиот официјален пораз на еден голем турнир, откако денеска загубија со 79-89 од Франција во четвртфиналето на Мундобаскетот во Кина, а селекторот Грег Попович после елиминацијата посочи дека иако поразот е болен, не е крај на светот.

На Попович летово му откажаа сите можни НБА ѕвезди, речиси 40-на кои беа повикувани, па практично Американците дојдоа во Кина со „ш-тим“ и не успеаа да ја продолжат низата со доминација во светската кошарка. По 2006 година, првпат САД загуби меч во организација на ФИБА.

„Секој пораз боли, во оваа ситуација уште повеќе, но животот оди понатаму. Не е крај на светот! Сакав да победиме, како и секој тим што сака да победи на овој турнир. Но, Франција и нивниот селектор одработија фантастичен меч, играа сјајна одбрана, физички се многу силни, а индивидуално во нападот беа феноменални. Но, пред сè колективно одиграа фантастично. Франција заслужено победи, без оглед кој е во нашиот тим. Нема да говорам за тие што не дојдоа, ова е нашата екипа, овие момци дојдоа да играат и само тие се важни“, рече Попович.