Охриѓанецот Осман влезе во јавна војна со Туркоглу!

Неуспехот на Турција на претквалификацискиот турнир за пласман на Олимписките игри кој се одржа во Истанбул, предизвика тензија во кошаркарскиот национален тим на оваа земја.

Турција им ги одзема државјанствата на Скоти Вилбекин и Шејн Ларкин, а на тапет кај претседателот на Кошаркарската федерација, Хидајет Туркоглу е и новиот член на Сан Антонио, Џеди Осман кој е роден во Охрид.

„Имавме средба со Џеди Осман во текот на летото. Тој дојде кај нас и ни рече дека не сака да игра за репрезентацијата. Ние никогаш, никого не сме принудувале да игра за националниот тим. Сите дополнителени информации за тоа што не играше и покрај тоа што не е повреден, треба да се бараат од него“, изјави Туркоглу.

Следуваше одговор на Осман, охриѓанецот ја кажа својата верзија на приказната која е поинаква од таа на Туркоглу.

„Досега имам одиграно 178 натпревари за Турција во сите категории и во сите услови се трудев да го дадам максимумот. Последните десет години играм на највисоко ниво, а последните шест и во НБА. Изминатово лето почувствував дека менталниот и физичкиот замор влијаат врз моето здравје. На 2. јуни, за да избегнам било какви компликации пред да биде објавен списокот на селекторот, се сретнав со официјалните лица од Федерацијата и побарав да бидам изземен од претквалификацискиот олимписки турнир“, вели Осман.

„Реков дека сакам да ја поминам паузата за одмор и рекуперација. На средбата беше присутен и претседателот на федерацијата, Хидајет Туркоглу и други официјални лица чија реакција беше позитивна и сите рекоа дека сакаат да ме поштедат од било каков здравствен проблем“.

„Значи, јас не одбив да играм за репрезентацијата. За мене, нема повреден дрес од националниот. Но, нема да дозволам некој јавно да ме дискредитира. Сакам сите да знаат дека нема да прифатам никакви обвинување и дека секогаш ќе ја кажувам вистината“.

По оваа вербална војна во јавноста меѓу кошаркарската ѕвезда и претседателот на федерацијата, нејасно е каква ќе биде иднината на Осман во турската репрезентација.