„Огромна е чест да се предводи гигант како ЦСКА и тоа пред - стотиот роденден!“

Емил Рајковиќ денеска, со потпишувањето на двегодишниот договор со ЦСКА Москва, го оствари сонот на илјадници тренери ширум светот, со оглед што добива шанса да командува со еден од најдобрите тимови во кошаркарскиот свет, привилегија достапна само за великани.

Македонецот го наследува грчкиот тренерски бард, Димитриос Итудис, а влегува во друштво на легендарни имиња како Александер Гомељски, Душан Ивковиќ, Сергеј Белов, Еторе Месина, Душко Вујошевиќ... Неговото назначување доаѓа во пресрет на стотиот роденден на „црвеноармејците“, кои се формирани далечната 1923 година.

„Голема чест, но во исто време и огромна одговорност е да се биде главен тренер на славен клуб со богата историја како ЦСКА Москва и тоа кога се наближува 100 години од постоењето на клубот. Горд сум што што го добив повикот и ја ценам довербата на раководството на ЦСКА и сопствениците на Норникел (главниот спонзор-н.з.). Заедно ќе работиме со голема посветеност, за да може да играме модерна и возбудлива кошарка, која ќе биде интересна за нашите навивачи. Во исто време ќе бидеме фокусирани на победа на секој натпревар што го играме, но и на развој на нашите играчи до максималниот капацитет на нивниот потенцијал“, е првата изјава на Рајковиќ.

Поранешниот тренер на Фени индустри, Работнички и на МЗТ Скопје потпиша договор на две години, со надеж дека војната брзо ќе заврши и дека руските екипи, а со тоа и ЦСКА Москва ќе се врати во Евролигата од која е исклучена за следната сезона.