Најголемиот македонски талент се пријави за драфтот во НБА-лигата! (ФОТО)

Сигурно најталентираниот македонски кошаркар во моментов, Ненад Димитријевиќ и официјално се пријави за учество на годинешниот драфт во НБА-лигата, запазувајќи го последниот рок за писмено изразување на намерите, кој заврши вчера.

Неговото име се најде на списокот од 50-тина интернационални ѕвезди кои изразиле желба да бидат во можност да се најдат помеѓу избраните од клубовите од најсилната лига на светот на драфтот кој ќе се одржи на 20 јуни во Њујорк. Пријавата не значи дека тој дефинитивно ќе биде во игра за влез во НБА, бидејќи има можност да се откаже најдоцна до 29 мај ако почуствува дека нема заинтересирани екипи за неговите услуги.

Ако го стори тоа, Димитријевиќ ќе добие уште една шанса односно ќе може да се пријави и в година, кога ќе наполни 22 години што е крајната граница за влез во најсилната лига на овој начин.

Тој е третиот македонски кошаркар кој се пријавил на НБА-драфтот, по Предраг Самарџиски и Владо Илиевски, кои, сепак, не отидоа до крај туку се повлекоа пред последниот рок. Перо Антиќ, пак, кој е единствениот Македонец во ова друштво влезе како недрафтуван потпишувајќи со Атланта хокс.

Димитријевиќ првите кошаркарски чекори ги направи во школата Јуниор, а изминативе три години е дел од шпанскиот прволигаш Хувентуд. Тој во моментов е во лоши односи со челниците на МКФ, од кои беше и суспендиран, поради што ги пропушти последните неколку акции на репрезентацијата на Македонија.