На Мундобаскетот падна рекорд на Тони Кукоч стар три децении!

Во исчекувањето на мечот за светскиот кошаркарски трон, денеска се одиграа натпревари за пласман на Мундобаскетот, во кои Словенија ја совлада Италија за седмо место (89-85), а Летонија ја разнес Литванија со 98-63 завршувајќи петта. Токму на овој меч падна еден рекорд на светските првенства, стар 29 години. 

Негов сопственик беше Тони Кукоч, а гласеше:15 асистенции на еден мундијалски натпревар. Поставен беше против Кина, во победата на Хрватска со 105-73.

Кукоч денеска падна во сенка на Артурс Жагарс, 23-годишниот плејмејкер на Летонците, кој направи неверојатни 17 асистенции. Покрај нив имаше и четири поени и шест скока.

Претходно, Карик Џоунс од Јужен Судан го изедначи рекордот на Кукоч со точно 15 додавање за кош, но ова остварување на Жагарс ќе стои како нов репер. Жагарс четири сезони делеше соблекувална со Ненад Димитриевиќ, како млади надежи на Ховентут, но го напушти во 2022 година, а она што е иронично е дека во моментов нема клуб.